Кардиоваскуларните заболувања и натаму се водечка причина за смртност во Македонија. Во текот на минатата година од заболувања на кардиоваскуларниот систем починале 6.888 лица, што претставува 34 отсто од вкупниот број смртни случаи, информираше директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
По повод Светскиот ден на срцето, ИЈЗ денеска организираше бесплатни превентивни прегледи за граѓаните. На пунктот граѓаните можеа да добијат совети од стручни лица, како и да го проверат крвниот притисок, шеќерот во крвта, висината и тежината.
Пунктот го посети и министерот за здравство Сашо Клековски, кој истакна дека превенцијата и раното откривање се особено важни кај кардиоваскуларните заболувања.
Клековски посочи дека овие заболувања се меѓу главните придонесувачи за предвремена смртност кај луѓето на возраст од 30 до 70 години. Според него, едноставните проверки, како редовното мерење на крвниот притисок, може да помогнат во навремено откривање на ризик-факторите.
Тој посебно го издвои високиот крвен притисок, кој, како што рече, може да влијае врз срцето, бубрезите и мозокот, а во комбинација со нерегулиран дијабетес претставува дополнителен ризик за развој на срцеви, мозочни и бубрежни заболувања.
Министерот апелираше граѓаните редовно да го контролираат крвниот притисок и да ја земаат пропишаната терапија според препораките на лекарите.
Клековски најави и промени во начинот на следење на резултатите од систематските прегледи на работоспособното население. Во претстојните измени на Законот за медицинските евиденции ќе се разгледува можноста резултатите од овие прегледи да бидат интегрирани во медицинското досие на пациентите.
Воедно, тој повторно го отвори прашањето за овозможување мерење на крвниот притисок и шеќерот во аптеките. Според него, соодветно обучени здравствени работници, вклучително лекари, медицински сестри и фармацевти, би можеле да вршат едноставни контроли, со регулирани услови и стандарди.
Клековски го посочи и примерот со местата каде што има аптека, но нема лекар, оценувајќи дека достапноста на основните мерења може да биде значајна за навремено откривање на одредени состојби.
Состојбата во Европската Унија
Кардиоваскуларните заболувања се меѓу водечките причини за смртност и во Европската Унија. Според податоците на Евростат, околу 1,6 милиони луѓе годишно умираат од болести на срцето и циркулаторниот систем, што претставува 32,5 отсто од сите смртни случаи.
Од 244 региони во ЕУ, 108 пријавиле стапки на смртност еднакви или повисоки од просекот на Унијата, кој изнесува 313 смртни случаи на 100.000 жители.
Највисоки удели се регистрирани во Бугарија и Романија, додека меѓу земјите со пониски удели се Франција, Данска и Холандија.
