Македонија има можност значително подобро да го искористи сопственото производство на електрична енергија доколку забрзано инвестира во батериски системи за складирање. Со нив струјата би се складирала во периодите кога е поевтина, а би се користела или извезувала кога побарувачката и цените на пазарот се повисоки.
На ова укажува проф. д-р Кочо Анѓушев, сопственик на ФЕРОИНВЕСТ и претседател на Македонската енергетска асоцијација, во разговор за Bloomberg Adria.
Како пример за искористување на потенцијалот на батериското складирање, Анѓушев ја посочува Бугарија, која во изминатиот период значително ги зголемила своите капацитети. Батериите овозможуваат електричната енергија да се набави во текот на денот, кога цените се пониски, да се складира, а потоа да се продава во вечерните часови, кога цените се повисоки.
„Бугарија многу добро постапи во тој дел и има сериозни финансиски бенефити. Македонија може истото да го направи, треба да ја види оваа шанса, да не ја испушти и брзо да направи интервенција во овој дел“, вели Анѓушев.
Потребата од вакви системи станува уште поголема со зголемувањето на производството од фотоволтаичните електрани. Во периодите кога соларните централи произведуваат најмногу струја, на пазарот може да се појават значителни вишоци, што придонесува за пад на цените.
Наместо вишокот електрична енергија да се продава по ниски цени, таа може да се складира во батерии и да се искористи подоцна, кога побарувачката ќе биде поголема и цената повисока.
Според Анѓушев, од ваквото решение не би имале корист само инвеститорите во обновливи извори на енергија. Батериските системи можат да придонесат и за подобро балансирање на електроенергетскиот систем, а со тоа и за намалување на трошоците поврзани со неговото балансирање.
Дополнителна корист е можноста домашната електрична енергија да се искористи поефикасно. Наместо Македонија да извезува струја во периоди кога цените се ниски, а потоа да увезува кога електричната енергија е поскапа, дел од домашното производство би можело да се складира и да се користи во периодите кога е најпотребно.
Сепак, инвестирањето во батериски системи во моментов го забавуваат административните процедури. Според Анѓушев, постапките можат да траат најмалку една година, а во одредени случаи и до година и половина.
Тој позитивно го оценува решението според кое батериите што се поставуваат кај постојните фотоволтаични електрани се третираат како опрема за која не е потребно одобрение за градба. Сепак, според него, обврската проектите да бидат опфатени во годишниот енергетски план дополнително ја продолжува постапката.
Македонската енергетска асоцијација предлага со измените на Законот за енергетика постојните фотоволтаични електрани кои поставуваат батериски системи да бидат ослободени од оваа обврска. Со тоа, според Анѓушев, значително би се забрзала реализацијата на инвестициите.
Тој смета и дека треба да се воведат одредени стимулации за поставување батериски системи, бидејќи придобивките, како што посочува, не се ограничуваат само на инвеститорите, туку се од интерес за целата економија и за стабилноста на електроенергетскиот систем.
„Би било паметно да се воспостави некаков систем на стимулација за луѓето да ги поставуваат овие батерии, да им се овозможи да имаат што е можно полесни административни процедури бидејќи не е тоа интерес само на инвеститорите, тоа е поширок интерес за целокупната економија, а и технички интерес на преносниот систем на државата“, заклучува Анѓушев.
