Анита Тополова Исајловска е избрана за в.д државен јавен обвинител. Советот на јавни обвинители едногласно ја избра и таа беше единствен предлог за привремен наследник на Љупчо Коцевски. Во образложението за предлогот Тополова Исајловска да биде именувана, беше наведено дека во моментот е заменик државен јавен обвинител, а на таа функција е веќе подолг период и тоа уште од времето на Марко Зврлевски. Сметам дека Тополова Исајловска е принципиелно решение, рече Кети Петкова член на Советот која и ја предложи за в.д државен обвинител.
„Во континуитет 10 години била заменик, ја знае таа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја обавува функцијата, не само за неа туку и за целото Обвинителство, од тие причини заради принципиелно а на персонално решение“, порача Кети Петкова.
Тополова Исајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето нов јавен обвинител за што се чека Владата да достави предлог до Собранието за распишување оглас, со што ќе започне и процедурата за избор на нов прв човек во Обвинителството. Вршителот на должноста се именува од редот на јавните обвинители
„Ова ни е обврска согласно закон бидејќи републичкиот јавен обвинител го бира Собранието по предлог на Владата а за вршител на должност согласно закон е предвидено во вакви ситуации кога некој јавен обвинител му истекува мандатот или дава оставка, ние сме согласно закон обврзани да има континуитет на работата на Републичкото Јавно обвинителство да избереме вршител на должност јавен обвинител“, вели Башким Бесими.
Тополова Исајловска привремено ќе ја обавува функцијата државен јавен обвинител и тоа најмногу до 6 месеци. Нејзиното именување доаѓа откако Љупчо Коцевски поднесе оставка и тоа токму пред одржување на собраниската седница за негово разрешување.
