Анкета на Глобсек за вакцинацијата: 29% од испитаниците веруваат дека ќе им биде вграден чип

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според извештајот на Глобсек, повеќе од 1/3 од испитаниците веруваат во конспиративни теории поврзани со КОВИД-19. Во согласност со овие резултати, подготвеноста за вакцинирање против КОВИД-19 во регионот е на само 37% помеѓу луѓето. Процентот, сепак, расте до 53% помеѓу оние што имаат доверба во државните институции.

Во нашата земја 29 отсто од испитаниците веруваат во теориите на заговор, односно дека при вакцинацијата ќе им биде вграден чип.

„Овие резултати покажуваат колку е инструментално доброто владеење и довербата во јавните и државните институции, особено во време на криза. Јавните институции треба да ги засилат нивните напори за стратешка комуникација и да направат сè што е во нивна можност да ја зголемат општествената доверба веднаш.“, рече Мирослава Савирис од Глобсек.

Според извештајот, подготвеноста за вакцинација против Ковид-19 се зголемува со зголемување на довербата во јавните институции, а конспиративните теории околу Ковид се најпопуларни во Западен Балкан.

„Подготвеноста за вакцинација против Ковид-19 се зголемува со зголемување на довербата во јавните институции. Теориите на заговор околу Ковид се најпопуларни во земјите на Западен Балкан. Од земјите во регионот, поддршка за членство во ЕУ и НАТО е посилна во Северна Македонија.“, велат од Глобсек.

Истражувањето на Глобсек беше направено телефонски со репрезентативен примерок од најмалку 1000 испитаници од девет држави од Централна и Источна Европа и Западен Балкан – Северна Македонија,Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија
и Словачка.