Тајван по тајфунот „Чампи“: Еден загинат, над 500 повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тајфунот „Чампи“ во саботата помина покрај Тајван, при што загина едно лице, а повеќе од 500 беа повредени. Невремето соборуваше дрвја и предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, додека постепено слабее и се движи кон север, во правец на кинескиот брег, каде што не се очекува да стигне до копното.

„Чампи“ во еден момент беше супертајфун и една од најсилните бури во Пацификот оваа година. Иако сега слабее, во близина на неговиот центар сè уште се регистрираат налети на ветер од околу 126 километри на час, соопшти Централната метеоролошка управа на Тајван. Според нив, бурата во саботата се наоѓала на околу 170 километри североисточно од Тајван, откако рано наутро го зафатила подрачјето покрај североисточниот брег. Во некои крајбрежни подрачја налетите на ветерот достигнале 227 км/час, соборувајќи далноводи и кревајќи ќерамиди од покривите.

Според прогнозата, бурата ќе продолжи кон север, движејќи се покрај кинескиот брег, а потоа се очекува да се упати кон јужниот дел на Јапонија.

Тајванската противпожарна служба соопшти дека бројот на загинати останува еден. Станува збор за маж што бил однесен од брановите на островот Лиуќиу. Во силниот ветер и поројниот дожд биле повредени 527 лица.

Енергетската компанија „Тајпауер“ соопшти дека повеќе од 288.000 домаќинства останале без електрична енергија, иако на повеќето од нив снабдувањето во меѓувреме им било повторно воспоставено. Министерството за транспорт соопшти дека биле откажани 259 летови, што претставува подобрување во однос на петокот, кога бројот на откажани летови изнесувал речиси 1.000.

Властите во повеќе области во северниот и централниот дел на Тајван, вклучително и во Тајпеј, прогласија втор последователен ден без работа и настава во училиштата.