Со оглед на тоа што земјава е во кризна состојба, пописот на населението не може да се спроведе, смета првиот човек на Левица, Димитар Апасиев. Како што вели, многу земји го одложиле процесот токму поради пандемијата со Ковид-19. Законот е противуставен, додава тој, барајќи уставните судии да не дозволат пописот да се спроведе во септември. Како што заклучува, ниту еден попис не предвидува попишување на дијаспора.
Претседателот на Државен завод за статистика, Апостол Симовски, се надева дека Уставниот суд нема да ја прифати иницијативата за поништување на пописот. Како што вели, спроведувањето на процесот за време на пандемија не претставува проблем, бидејќи има анти-ковид протоколи. Додава дека самопопишувањето на дијаспората е дефинирано со препораките на Обединетите нации.
Според државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи, одложениот попис ќе се спроведе во септември, истакнувајќи дека Апасиев не е во право кога вели дека законот не е во согласност со Уставот.
Законот за попис на население успешно ќе го помине тестот за уставност пред Уставен суд, смета универзитетскиот професор, Јетон Шасивари. Според него, овој суд не е надежен да ги оценува точките од иницијативата што ја поднел Апасиев.
„Сите 4 главни дела од оваа иницијатива се неиздржани. Првиот дел се повикува на тоа дека со пописот на население во време на пандемија се врши кривично дело. Уставниот суд не е Кривичен суд за да процени дали има или не кривично дело. Во третиот дел од иницијативата пишува дека Законот за попис се коси со актите и меѓународните конвенции. И овој дел е неоснован, бидејќи Уставниот суд нема надлежност да ги проценуваат меѓународните конвенции“, истакна Јетон Шасивари.
Пребројувањето требаше да се спроведе во април, но по постигнување на политички договор, процесот беше одложен за во септември. Инаку, самопопишувањето на дијаспората почна во март и ќе трае сѐ до септември.
