Апелацискиот суд Скопје ја потврди едногодишната затворска казна за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, во предметот за бесправно градење на општинската административна зграда.
Во казната му се пресметуваат и околу петте месеци поминати во куќен притвор во 2019 година, па му остануваат за издржување уште околу седум месеци затвор.
Истовремено, Апелација ја уважи неговата жалба за делото злоупотреба на службена положба и овластување и предметот во тој дел го врати на повторно судење. Укината е и условната осуда за второобвинетиот, а постапката ќе се води повторно пред нов судија.
Првостепено, Јакимовски беше осуден на вкупно три и пол години затвор – една година за бесправно градење и три години за злоупотреба на службената положба. По одлуката на Апелација, во сила останува само едногодишната казна за бесправно градење.
По пресудата, Јакимовски излезе на вонредна прес конференција и оцени дека станува збор за политички мотивиран процес и тврдеше дека целта е да биде спречен да се кандидира на евентуални повторени избори за градоначалник на Карпош.
„Од сите страни добивавме информации дека предметот се укинува и се враќа на повторно одлучување во Основиот суд. Ова е сега нешто ново, направено под притисок. Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече Јакимовски.
Тој најави дека ќе ја оспори одлуката пред повисоките судски инстанци.
