Министерството за економија во 2012-та година не издало лиценца за објектот каде што се случил пожарот, туку за друг објект на сосема друга локација во Кочани и тоа пред 13 години. Ова го истакнаа адвокатите на екс министерот Ваљон Сарачини во кој беше напоменато дека самото Министерство тогаш побарало од Инспекторатот да изврши увид дали ги исполнува условите за добивање лиценца за објектот во Кочани кој е сосема различен од оној во кој се случи пожарот.
–За што е обвинет поранешниот министер за економија кога во 2012 воопшто не била издадена лиценца за објектот каде 13 години подоцна се случил пожарот. Во 2012 година во Министерството за економија врз основа на барања издадена е лиценца за вршење на угостителска дејност кабаре за локација на улица „Димитар Влахов“ без број Кочани, што е сосема различна локација од објектот каде се случил кривично-правниот настан во 2025 година, а тоа е улица „Крижевска“ во Кочани, вели адвокатот Даниел Георгијевски.
–Она што е суштествено и она што се непобитни факти во однос помеѓу лиценцата од 2012 година и пожарот кој настанал во 2025 година се – пожарот се случил 12 години по истекот на лиценцата. Истиот се случил во објект на сосема друга адреса од онаа за кое е издадена лиценцата. Пожарот се случил во објект со кој стопанисувал друг правен субјект од оној кој барал лиценца во 2012 година, вели адвокатката Татјана Поповски Булоски.
Во воведните зборови, Еленко Миланов застапник за екс министерот за економија Крешник Бектеши, наведе дека лиценците не ги потпишал министерот, туку е употребен негов факсимил, а дури и за последната лиценца тој не бил во државава.
–Не постои ниту еден потпис на лиценца од Крешник Бектеши. Овластувања за користење на факсимил постојат уредно предвидени согласно законски одредби и посочени конкретни лица кои во одреден период имале овластување да го користат тој факсимил, изјави Еленко Миланов, адвокат.
На денешното рочиште воведни зборови имаа и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути како и на Џеват Селами, односно нивни бранители, кои истакнаа дека тие се неосновано обвинети и немале никакво влијание врз трагедијата.
