Арачиново 30 часа без струја – ЕВН: Екипите се соочуваат со вербални и физички напади од мештаните

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Цели два дена, Арачиново заедно со селата Орланци и Мојанци се без струја. Градоначалникот Ридван Ибраими вели дека според неговите информации станува збор за технички дефект кој не се санира со потребната брзина.

Дека 80% од Арачиново нема струја, потврдуваат и од ЕВН Хоум. Велат дека вчера наутро во општината дошло до голем дефект како резултат на преоптоварување на трафостаниците поради незаконско користење струја од страна на жителите.

„Во Арачиново нашите екипи многу често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на мештаните, со што во целост им се оневозможува работењето. За да се работи мора да се создадат услови за нормално работење, како за дефекти така и за реконструкција и модернизирање на мрежата. Се додека не постојат нормални услови за работење и има спречување во работата, нема да постои можност за санација“, велат од ЕВН Хоум.

Преку Фејсбук реагираше и градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими. Тој напиша дека иако не е под негова надлежност, постојано ги повикува неговите сожители да ги плаќаат сметките за струја. Ибраими изрази подготвеност да ѝ помогне на ЕВН и заедно да излезат на терен.

„И покрај тоа што ова прашање не спаѓа под надлежност на општина Арачиново, подготвени сме заедно со месните заедници од населените места на општина Арачиново, со претставниците на ЕВН и полицијата, да излеземе во терен и еднаш засекогаш да го решиме настанатиот проблем – проблемот со електрична струја“, порача Ридван Ибраими.

Жителите на Арачиново постојано се жалат на недостиг на струја и нерешавање на проблемот од страна на универзалниот снабдувач со енергија ЕВН-Хоум.