Ариел сè уште без настава на албански јазик – ги исполнил условите за личен асистент, но процедурата се одолговлекува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проблемот на 11-годишниот Ариел Селими кој има Даунов синдром, сѐ уште без решение и по три месеци откако ТВ21 објави сторија за неговиот случај.

Ариел сѐ уште посетува настава во специјална паралелка на македонски јазик во ОУ „Санде Штерјоски“, бидејќи во училиштето нема таква паралелка на албански јазик. 

За да премине во нормална паралелка, согласно новиот Закон за образование, Ариел треба да поседува категоризација т.н. Меѓународната класификација на функционирање со која би можел да следи настава во нормална паралелка, но со личен образовен асистент.

По подолго чекање, Ариел ја доби класификацијата и пред два месеца неговите родители го ставиле документот во училиштето.

„Пред два месеца ја однесов класификацијата и чекав два месеца да ме повикаат за синот да почне да учи со другите деца. Но, тие не направија ништо. Директорот вели дека побарал, но дека не добил никаков одговор… Не знам…“, вели Давида Селими.

Претходниот пат, директорот на училиштето Рахим Пињоли, рече дека откако Ариел ќе ја обезбеди класификацијата МКФ, документите веднаш ќе бидат испратени во училиштето „Кочо Рацин“ во Битола каде се наоѓа центарот за ученици со пречки во развој.

Откако ќе се направи тоа, како што објаснува директорот, училиштето во Битола преку Министерството треба да побара дозвола за на Ариел и останатите деца кои поседуваат таква класификација да им се додели личен асистент во нормална паралелка на мајчин јазик. Вели дека чекаат одговор од битолското училиште за прием на асистенти за 11 деца. Сѐ уште немаме добиено никаков одговор, иако барањето за Ариел го поднесовме пред речиси два месеца, вели директорот Пињоли.

„Поднесов барање до „Кочо Рацин“ за 11 ученици кои имаат потреба од образовни асистенти, согласно оценката на Меѓународната класификација на функционирање која професионално беше организирана во нашето училиште. Што се однесува до Ариел Селими, тој е ученик во ова училиште, и за него ги испративме истите оценки, меѓутоа до денеска немаме добиено никаков одговор“, вели Рахим Пињоли.

ТВ21 стапи во контакт со училиштето во Битола, од каде ни рекоа дека барањето до МОН е испратено во март и дека чекаат одговор. Од Управата на училиштето „Кочо Рацин“, откриваат дека во последно време имало многу барања за образовни лични асистенти за деца со посебни потреби и дека барањата веднаш штом ќе пристигнат, ги препраќаат во ресорното министерство за одобрување.

Заменикот-министер за образование Љуљзим Алиу рече дека барањата пристигнале и дека се разгледуваат. Освен барањето за Ариел, во овој ресор пристигнале уште 250 други барања за личен образовен асистент.

„Барањето стигна во Министерството за образование и се разгледува. Потоа ќе биде испратено во Министерството за финансии за да добие одобрување. Освен барањето на споменатиот ученик, имаме уште 250 други барања со класификација за личен образовен асистент. Од 2021 година се примени 500 образовни асистенти, од кои 431 се Македонци и 69 други. Министерството работи на концептот за промена на Законот за децата со посебни потреби, за еден личен асистент да работи со 3 ученици. Веруваме дека до учебната 2022/23 ова прашање ќе биде решение“, посочи Љуљзим Алиу.

Ариел не е единственото дете кое се соочува со ваков проблем. Како што потврди и самиот директор, потребата за лични асистенти во ова, но и во други периферни училишта во Кичево е голема. Тие во моментов располагаат со само 4 лични асистенти со дозвола од матичното училиште во Битола, но побарувачката е многу поголема. Овие асистенти засега се плаќаат од УНИЦЕФ, но по 3 години нивните плати ќе паднат на товар на МОН.