Арифи подготвена за трет мандат – Ахмети: Сè уште не сме ја отвориле оваа тема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ни остануваат уште неколку месеци до локалните избори. Во Тетово се зборува дека актуелната градоначалничка Теута Арифи ќе бара трет мандат од граѓаните.

Арифи во интервју дадено во емисијата 10 Минути на 20 јануари не ја негираше желбата за да добие трет мандат да биде на чело на општина Тетово, но таа чека партиските органи да одлучат по тоа прашање.

„Јас никогаш не сум кажала НЕ за кандидатура но тоа прашање го имам оставено како прашање за одлука и анализа на политичкиот субјект кој ја подготвува самата кандидатура“, истакна Теута Арифи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на прашањето дали ќе ја кандидира Теута Арифи за трет мандат рече дека се уште е рано да се разговара за овие теми.

„Се уште не е развиена како тема поради вирусот и во октомври ќе се знае. На 3 октомври според Претседателот на Собранието ќе се организираат локалните избори. Има уште неколку месеци за да седнеме и да ги направиме потребните пресметки за локалните избори“, посочи Али Ахмети.

Ги прашавме тетовци колку се задоволни од работата на Арифи.

„Вети нешто, но ништо не се гледа, не го сработила тоа што го ветила. Доколку ја разгледаме нејзината програма пред изборите, можеме да заклучиме дека 80% не е реализирана, а 20% е реализирана“.

„Ќе видиме дали ќе не излаже со нови или со старите ветувања!“

„Не знам што да кажам од политички аспект. Дали би гласале? Да, да, секако“.

„Не, што поскоро да замине, ништо не сработи ниту за народот, ниту за општината, ништо. Што поскоро да замине и да дојде некој друг“.

Арифи за градоначалничка беше избрана во 2013 година, а нејзин противкандидат беше екс градоначалникот Сади Беџети од ДПА. За вториот мандат во 2017 противкандидат и беше лидерот на Движење Беса, Биљал Касами. Се очекува ДПА пак да го кандидира Сади Беџети, а Беса и Алијанса за Албанците се уште не откриле кои ќе бидат можните кандидати за градоначалник на Тетово на изборите кои ќе се одржат во октомври.