Аријан Ибраим кандидат на Турската демократска партија за градоначалник на Центар Жупа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Актуелниот градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим ќе ја побара по третпат довербата од жителите на таа општина на локалните избори на 17 октомври.

Одлука за тоа донела Турската демократска партија, откако било оценето дека поради успешноста на Ибраим, тој ја заслужува поддршката да биде кандидат за градоначалник.

– Честа е голема, исто како и одговорноста, но чувството на задоволство е уште поголемо кога трудот што сте го вложиле и постигнатото во интерес на своите сограѓани, се цени и вреднува. По третпат ја барам довербата и убеден сум дека ќе ја добијам за да продолжиме заедно со успешно реализирање на проекти за доброто на сите жители на нашата општина, изјави за МИА, Ибраим.

Роден е во 1972 година, основно образование завршил во Центар Жупа, а средно медицинско училиште во Тетово. Дипломирал на Економскиот факултет на Државниот универзитет во Афјон, Турција, а магистрирал на Универзитетот во Истанбул, насока меѓународно право. Како наставник во родната Жупа работел две години, а по неколку години работа во Италија се враќа и активно почнува да се занимава со политика. Оженет е и е татко на три деца.

Засега ова е единствена кандидатура за градоначалник за престојните избори.