Армијата го одбележа 18 Август: Најавена модернизација, нови хеликоптери и повисоки плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со пораки за силна, модерна и професионална Армија, денеска во Охрид беше одбележан 18 Август – Денот на Армијата. На свеченоста, претседателката и врховна командантка Гордана Силјановска-Давкова порача дека македонската Армија денес е високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висок степен на интероперабилност со сојузничките сили.

Силјановска-Давкова се осврна на развојот на Армијата, од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година, па сè до членството на Северна Македонија во НАТО. Таа оцени дека Армијата претставува еден од клучните столбови на стабилноста, безбедноста и довербата во државата.

Според претседателката, современите безбедносни предизвици наметнуваат потреба од нов пристап кон одбраната, особено поради зголеменото влијание на сајбер-заканите и развојот на вештачката интелигенција.

„Колку е посилна нашата одбранбена поставеност, толку е позначаен и нашиот придонес кон колективната безбедност. Јакнењето на сопствените капацитети е најдобриот начин за зацврстување на нашата позиција во Алијансата како сериозен и кредибилен партнер“, порача Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека Армијата успешно ги применува НАТО-стандардите, што, како што посочи, го потврдуваат високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група, како и учеството на 183 армиски припадници во меѓународни мировни мисии.

На свеченоста се обрати и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој истакна дека модернизацијата на Армијата се одвива според предвидената динамика.

Мисајловски посочи дека веќе се испорачани оклопните возила JLTV и Stryker, артилериските системи „Боран“, како и најголемиот дел од системите за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“. До крајот на годината, според најавите, се очекува да пристигнат и првите два нови хеликоптери.

Министерот најави и законски измени поврзани со професионалните војници кои навршиле 45 години, како и зголемување на платите од следната година.

Покрај модернизацијата на воената опрема, ќе продолжат и инвестициите во армиската инфраструктура. За оваа намена се предвидени повеќе од 12 милиони евра.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, изминатата година ја оцени како исклучително успешна за Армијата, посочувајќи дека таа повторно ја потврдила својата оперативна подготвеност.

Како едно од најзначајните достигнувања тој ја издвои реализацијата на воената вежба „Блесок 26“ и оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група.

„Стекнувањето на статусот ‘борбено подготвен’ претставува резултат на илјадници часови обука, подготовка, планирање и професионална посветеност“, истакна Лафчиски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на Армијата беа доделени признанија на армиски единици, институции и поединци за нивниот придонес во развојот на одбранбените капацитети и извршувањето на армиските задачи.

По повод празникот се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој упати честитка до припадниците на Армијата, активните војници и старешини, ветераните и сите кои низ годините придонеле во градењето на професионална и силна Армија.

„Армијата е многу повеќе од униформа. Таа е чест, одговорност, дисциплина и посветеност“, порача Мицкоски, честитајќи го 18 Август – Денот на Армијата.