Договорите на 33 вработени во Комунална хигиена не им се продолжени поради тоа што раководството не е задоволно од нивниот ангажман но и затоа што не се појавувале воопшто на работа, а не поради тоа што се Албанци, изјави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Се работи за лица кои редовно земале плата а со години не доаѓале на работа додава таа. Вели дека не само во ова јавно претпријатие, туку овој принцип ќе се исполнува секаде каде што има вакви примери.
„Се работи за лица кои што не доаѓале, кои што не си ги извршувале своите работни обврски и најголемиот дел лица кои што воопшто не се појавувале на своето работно место. Секаде каде што постојат вакви девијантни случаи на лица кои што не се појавуваат на своите работни места и не си ги извршуваат своите работни обврски, тоа не значи дека не доаѓаат и заминуваат на работа, има голем број луѓе кои што доаѓаат седат 8 часа и ништо не работат“, вели Данела Арсовска.
Пред самата изјава на градоначалничката Арсовска лицата на кои не им беа продолжени договорите испратија соопштение во кое тие обвинуваат дека се работи за политички пазарења а не поради нивното недоаѓање на работа.
„Нашата регуларност лесно може да се провери преку безбедносните камери и потписите во списоци за редовност на работниците, а што се однесува до електронскиот систем, не на сите им се даваат потребните картички за евидентирање токму за вакви манипулации! Сите работни места од нашето заминување ќе бидат пополнети со партиски милитанти, затоа што тоа беше целта“, велат отпуштените од Комунална хигиена.
За ваквиот потег, Арсовска добила предупредување преку социјалните мрежи од висок функционер на ДУИ, Абдул Селами, кој што е заменик директор на УЈП.
„Данела немој да мислиш дека си нашла „планина без волк“ и можеш да правиш што сакаш“, вели Абдул Селами.
Сепак, многу брзо Селами, го избриша својот пост на социјалните мрежи.
Арсовска ова го разбрала како закана и вели дека вакви работи не треба да се дозволат, а за тоа дали таа ја почитува етничката застапеност при вработувањата вели дека во град Скопје не се гледа етникум, туку како и дали воопшто работи.
„Заканите од било каков тип сметам дека не треба никој во општеството да ги дозволи уште помалку па некој да ги стимулира како што видовме од види владини функционери и лица кои што вршат видни функции во текот на вчерашниот ден. Законот постои за да се почитува постои балансер кој што се почитува. Меѓутоа јас лично како градоначалник не правам разлика кон ниту еден скопјанец по било кој основ ниту по етникум ниту по вера. Правам само разлика помеѓу луѓе кои што ја работат ојата работа и испорачуваат за скопјани“, додава Данела Арсовска.
На 33 вработени во Комунална хигиена со одлука на директорката на ова јавно претпријатие Косана Мазнева но и на градоначалничката Данела Арсовска не им се продолжени дговорите за работа.
