Арсовска со кривична против директорот на „Усје“ – „За овие дела се предвидува и затворска казна“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Град Скопје поднесе кривична пријава против ТИТАН Цементарницата – Усје. Освен тоа, најавуваат дека одговорност ќе се бара и од генералниот директор, Борис Хрисафов.

Градоначалничката Данела Арсовска рече дека Усје го труе Скопје надминувајќи ги максимално дозволените граници на испуштање штетни честички во воздухот.

Фабриката не се придржувала кон обврските од интегрираната А-дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Поднесената кривична пријава е согласно Членот 234 од Кривичниот законик – тешки дела против животната средина и природа, во врска со Член 218 од истиот закон насловен како „Загадување на животната средина и природа“. За овие дела е предвидена затворска казна, објаснуваат од Град Скопје.

„Цементарницата „Титан – Усје“ испуштала значително поголема концентрација на ПМ 10 честички од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Наместо дозволениот максимум од 50 микрограми на кубен метар, од оџакот се испуштале 121 микрограми на кубен метар секој час. Исто така, забележано е зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку двапати, односно наместо дозволените 350 микрограми на кубен метар, се испуштале 711 микрограми на кубен метар секој час“, велат од Град Скопје.

Но, од Цементарницата велат дека овие обвинувања се неточни и дека ќе преземат правни мерки во интерес на вистината.

„Во интерес на точно и вистинито информирање уште еднаш повторуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат“, велат од ТИТАН Цементарница Усје. 

Од Град Скопје меѓу другото упатија и апел до Основното обвинителство-Скопје темелно да ги истражи наводите и да постапи по кривичната пријава. Инаку, вчера Инспекторатот за животна средина информираше дека цементарницата наместо мазут почнала да користи природен гас.