Арсовски: Не треба да очекуваме драматични промени со Бугарија, Радев не е нов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, политичкиот аналитичар Петар Арсовски оцени дека не треба да се очекуваат суштински промени во односите со Бугарија, и покрај можноста за поумерена реторика од бугарскиот претседател Румен Радев.

Според Арсовски, стабилноста на позициите на Софија не значи и поголема флексибилност.

„Мислам дека ќе добиеме порафиниран јазик од Радев, повеќе координиран со ставовите на Брисел, но во суштина позицијата останува крута. Пораката е јасна – не се бара ништо ново, туку само да се исполни тоа што веќе е договорено, а топката е во Скопје“, истакна Арсовски.

Тој додава дека Европската Унија веројатно ќе се обиде да понуди одредени декларативни гаранции со цел да се олесни позицијата на македонската политичка елита, но без суштинска промена на рамката на преговорите.

„Не верувам дека ќе се смени редоследот на чекорите. Ние бараме прво гаранции и напредок, па уставни измени, додека Бугарија и Брисел инсистираат прво на уставни измени, па потоа напредок. Додека не се најде пресек меѓу овие позиции, не треба да очекуваме пробив“, нагласи Арсовски.

Тој смета дека може да се очекува помека реторика, но дека суштинскиот притисок ќе остане.

„На крајот, притисокот повторно ќе се врати кај нас, можеби со одредена помош од ЕУ во форма на декларации дека нема да има нови блокади. Тоа е максимумот што може да се очекува како политичка отстапка“, рече Арсовски.

Според него, евентуален компромис со бугарската страна околу веќе договорените обврски не е реален.

„Не треба да очекуваме дека со Радев може да се постигне нов компромис за нешто што веќе е договорено“, заклучи Арсовски.