Арсовски: Созреан е моментот да се укине Пржинската влада – Божиновски: Се изгуби потребата за таква Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, аналитичарите Петар Арсовски и Владимир Божиновски отворија дебата за потребата од постоењето на т.н. Пржинска влада, при што оценија дека државата можеби е подготвена да го напушти овој модел.

Арсовски истакна дека постои простор да се размислува за укинување на Пржинската влада, но нагласи дека тоа не смее да се направи без воведување јасни ограничувања на овластувањата на министрите и на владата во предизборниот период.

„Пржинската влада беше изнудено решение поради масовни злоупотреби на државниот апарат за предизборни цели. Иако беше неопходен механизам во тој момент, самото постоење на ваква влада не е добра порака за демократскиот капацитет на државата“, рече Арсовски.

Тој додаде дека во последните изборни циклуси не се забележани истиот обем на злоупотреби, што, според него, отвора можност за напуштање на овој модел. Сепак, потенцира дека мора да се задржат механизми кои ќе спречат евентуални злоупотреби.

„Укинувањето треба да оди паралелно со прецизно дефинирање што владата смее, а што не смее да прави пред избори. Во спротивно, ризикот останува“, истакна Арсовски, додавајќи дека дел од постојните практики се претвориле во „кампања пред кампањата“ и политички пинг-понг.

Од друга страна, Владимир Божиновски нагласи дека Пржинската влада била донесена со политички консензус, но дека денес опозициските партии, и од македонскиот и од албанскиот блок, повторно бараат консензус – овојпат за нејзино укинување.

„Во ваква констелација на политички односи, тешко е да се постигне консензус. Наместо политики што се во интерес на државата, често гледаме критика заради критика – не затоа што некој направил грешка, туку затоа што е од спротивниот политички табор“, оцени Божиновски.

Тој потсети дека и претходниот консензус за Пржинската влада бил изнуден, во услови на политичка криза и со посредство на меѓународниот фактор. Според него, симптоматично е што дел од политичките актери ги менуваат ставовите во зависност од позицијата – власт или опозиција.

„Уште пред изборите во 2024 година се отвори прашањето за укинување на Пржинската влада, со оценка дека по 2016, односно по 2020 година, веќе се губи потребата од ваков механизам“, рече Божиновски.

Тој додаде дека наместо техничка влада, треба да се размислува за зајакнување на законските механизми кои ќе прецизираат што смеат, а што не смеат да прават владините функционери во периодот пред и за време на изборите.

Дебатата во „Клик Плус“ повторно го отвори прашањето дали земјата има капацитет за спроведување фер и демократски избори без специјални преодни решенија, или пак се уште се потребни дополнителни гаранции за спречување на злоупотреби на државниот апарат.