Му ставија лисици на рацете откако самиот одлучи да се врати во Македонија. Со капа, очила, насмеан и со шал во рацете, поранешниот вицепремиер Артан Груби рано утринава, во 06:10 часот беше уапсен од полицијата на граничниот премин Блаце.
„Денеска во 06:10 часот, на граничниот премин Блаце, на влез во државата, лишен од слобода е Артан Груби, кој се бараше со меѓународна потерница заради водење истрага поврзана со кривично дело.“, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Груби од граничниот премин Блаце веднаш е спроведен во притвор во затворот во Шутка.
Претходно му беше изречена мерка притвор од 30 дена во отсуство, додека беше во бегство.
Во декември 2024 година ја напушти Македонија и заминл во Косово, непосредно пред поднесување на неколку обвиненија од страна на Јавното обвинителство неколку дена подоцна.
Неговата последна јавна комуникација беше статус на Фејсбук на 15 декември 2024 година:
„Почитувани, денес отпатував за приватна посета. Ве молам не клеветете и не шпекулирајте. Патував со моите документи и моето лично полициско обезбедување е информирано. Штом ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај семејството.“, напиша тогаш Груби.
Груби се сомничи за „Злоупотреба на службената положба“, бидејќи претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ терминали за самостојно организирање електронски игри на среќа.
Досега нема поднесено обвинение против него за овој случај, ниту има информации до каде е постапката. Освен Груби, осомничен во овој предмет е и Прпарим Бајрами, поранешен претседател на Управниот одбор и поранешен генерален директор на „Државна лотарија“. И тој е во бегство. Исто така, Груби заедно со судијата Енвер Беџети беше ставен на црната листа на САД поради вмешаност во значителна корупција, политички влијанија и обиди за дискредитирање на судството. Образложението е дека примиле поткуп за да влијаат врз судски процеси поврзани со кривичната пресуда против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
