Иако се очекуваше одговори за ова да бара опозицијата, сепак Љупчо Пренџов кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ постави прашањето до премиерот Мицкоски дали е точно тоа што обвинува опозициската СДСМ дека имало договор меѓу него и ДУИ за Артан Груби прво да биде пуштен да избега, а потоа и да се врати. Мицкоски одговори дека за тоа нема никаква логика, бидејќи, тој во минатото бил постојано на мета на Артан Груби и, а дека вознемирени се од опозициската СДСМ.
„Тие кои што совеста им работи, немирни се, тешко спијат, нервозни се, тоа се гледа по фацијалните експресии на прес конференциите, немирот си го прави своето, сега велат доаѓа крајот. И кога доаѓа крајот тие се обидуваат како мачка да рипнат во очи, но тие заборавиле дека ние сме лавови. И ваквите како нив ќе одговараат“, рече Мицкоски.
За враќањето на Артан Груби иако не беше прашан спомна и министерот за правда Игор Филков.
„Ми требаше некое време да сфатам на што се должи оваа хистерија која што во изминатиот период беше продуцирана од страна на одредени политички партии, но после онаа епизода „Артан се враќа дома“ нештата се многу појасни“, вели Игор Филков.
Дијана Тоска од ДУИ му врати на Филков да не се меша во работата на судовите и Обвинителството.
„Почитуван министер, доволно го споменувате Артан, тој се врати, се предаде самоволно и дозволете ве молам судските органи и Обвинителството да ја извршуваат својата работа. Не се мешајте во тие работи, освен ако сте научени да се мешате“, изјави Тоска.
Со таква порака излезе и претседателот на Собранието Африм Гаши по денешниот брифинг со новинарите.
„Крајно време е да престанеме да се мешаме во судството. Таа перцепција кај граѓаните дека има некаков договор остава лошо чувство кај сите граѓани, така што мојата порака би била конечно секоја институција да си ја врши својата работа, во овој дел судството и обвинителството имаат процес, нека си ја вршат својата работа совесно и професионално“, рече Гаши.
По враќањето во земјава Артан Груби се наоѓа во притвор откако претходно предложи а судот прифати затворскион да го замени со домашен притвор што предизвика реакции во јавноста.
