„Совеста ми е чиста“ -преку фејсбук-статус се обрати до јавноста разрешениот директор на струшката Општа болница, лекарот Мухамед Асани. Тој тврди дека одговорно ја извршувал својата работа.
„Беше втор царски рез кај пациентката и, нормално, како по секој оперативен зафат, ризикот и можноста за компликации се зголемуваат во секој нареден зафат. На пациентката детално и е објаснета операцијата, ризиците, интра и постоперативните компликации и таа свесно со своерачен потпис се согласила“, истакна д-р Мухамед Асани.
Состојбата на пациентката се искомплицирала петтиот постоперативен ден, при што била во животозагрозувачка состојба и морало да се интервенира навреме и брзо. Во однос на обвинувањата за извадените органи на пациентка од Дебар, гинекологот посочува дека таа своерачно потпишала дека се согласува со царски рез и можните ризици и дека бубрегот и го отстраниле хирурзи кои биле на операцијата.
„После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели осум часа, успеавме да и го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот не вади бубрег. Бубрегот е изваден од страна на хирурзите, кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можело да го спречат крвавењето кое потекнувало од таму“, вели д-р Мухамед Асани.
Потоа пациентката била препратена во КАРИЛ за интензивен мониторинг и понатамошна евалуација.
По повод разрешувањето на директорот на струшката болница се огласи и Заменик на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски.
„Изминатиот период бев во постојана координација со надлежниот инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој веднаш ги презеде сите мерки што се во нивна надлежност. Инспекторатот изврши вонреден надзор, и по констатирањето дека во домот на Асани има дива гинеколошка ординација веднаш му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност“, порача Љупчо Николовски.
Поднесена е на пријава за кривична одговорност во Основното јавно обвинителство Струга, за што во тек е истражна постапка.
Инаку, родилката од Дебар, која е и медицинска сестра, обвинува дека од операцијата излегла без матка, бубрег и без еден јајчник и дека не знаела ништо за ова. Дознала кога направила дополнителен преглед во приватна клиника.
