Атина со остар коментар за Мицкоски: Македонското прашање е решено, ова е провокација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Официјална Атина му се налути на премиерот Христијан Мицкоски. Тие сметаат дека тој провоцира. Ова следува откако Мицкоски, во обраќање пред дијаспората во САД, кажа дека македонското прашање не е решено.

„Ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон, Њујорк, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и се уште постои.“, вели Христијан Мицкоски.

Според грчкото МНР, македонското прашање е целосно и неповратно решено, а Мицкоски ова прашање се обидувал да го врати во преден план.

„Грција потсетува дека натамошниот напредок на билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја, бараат целосно почитување на Договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички изјави и претензии кон соседните земји.“, вели МНР на Грција.

По острата реакција од Грција, домашните власти се воздржаа од дополнителни коментари.

„Не би имале што повеќе да додадеме од она што премиерот веќе го кажа.“, вели Марија Митева.

Првите повици од Атина за почитување на Преспанскиот договор започнаа откако официјални претставници на новата власт во земјава не го користеа уставното име. Исто така и Европската Унија во извештаите за Македонија постојано напоменува дека дека е потребно да се почитуваат договорите со Грција и Бугарија. Во последните изјави во јавноста, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски истакна дека Македонија доследно го почитува Преспанскиот договор.