Нов режим за одлагање на отпадот ќе важи за рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти во Скопје. Според новите измени на Одлуката за комунален ред, тие ќе можат да го фрлаат отпадот до 1 часот по полноќ, за разлика од домаќинствата за кои важи посебен временски распоред.
Одлуката беше усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Од Градот посочуваат дека посебниот термин е воведен поради специфичното работно време на угостителските објекти, како и количината и видот на отпад што го создаваат. Со оваа мерка треба да се спречи преполнувањето на контејнерите наменети за домаќинствата, кои досега често се користеле и за одлагање отпад од рестораните и кафулињата.
ЈП „Комунална хигиена“ веќе започнало со склучување договори со угостителите, кои ќе добиваат сопствени контејнери. За собирањето и транспортот на отпадот ќе плаќаат согласно ценовникот на претпријатието.
Паралелно со овие мерки, Градот најавува подобрување на системот за управување со отпадот преку набавка на 3.300 нови контејнери, со кои ќе се заменат оштетените и дотраените садови и ќе се зголемат капацитетите за правилно одлагање на сметот.
Претходно, на 1 април беше донесена одлука со која рестораните, кафулињата, канцелариите, пазарите и трговските објекти се задолжени да склучат договор со ЈП „Комунална хигиена“ за собирање и транспорт на отпадот. Предвидена е и обврска за селектирање на сметот на местото каде што се создава.
За домаќинствата, пак, и понатаму важи правилото отпадот да се одлага во периодот од 6 до 22 часот. За непочитување на оваа одредба е предвидена казна од 50 евра.
