Безбедносната проверка на авионот на „Виз Ер“, кој денеска беше пренасочен од Лондон кон Будимпешта поради дојава за бомба, е успешно завршена, а надлежните служби не утврдиле постоење на закана. Леталото се подготвува да го продолжи патувањето кон крајната дестинација – Софија.
Од авиокомпанијата потврдија дека авионот бил пренасочен кон меѓународниот аеродром „Лист Ференц“ во Будимпешта откако за време на летот била примена закана за поставена бомба.
Поради безбедносната ситуација, унгарските власти испратиле борбен авион „Грипен“ за да го придружува патничкиот авион до Будимпешта. Унгарскиот министер за одбрана Ромулус Русин-Санди соопшти дека леталото безбедно слетало на аеродромот, по што биле преземени дополнителни безбедносни мерки.
Од „Виз Ер“ информираа дека авионот бил паркиран на посебно определена позиција, каде што надлежните служби извршиле детални проверки на леталото и патниците.
„Безбедноста на патниците и членовите на екипажот останува наш највисок приоритет“, соопштија од авиокомпанијата, додавајќи дека целосно соработуваат со надлежните институции.
По завршувањето на проверките, од компанијата потврдија дека не се идентификувани никакви закани и дека авионот се подготвува да го продолжи летот кон Софија.
