АВМУ изрази загриженост: Апсолутно е недозволиво носител на јавна функција да користи дискредитирачка реторика

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изрази загриженост по повод изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во која беа изнесени обвинувања за политичка и финансиска зависност на ТВ Алфа.

Од Агенцијата оценуваат дека јавното етикетирање на медиумите и нивната инструментализација во политички пресметки не се во согласност со демократските принципи и со слободата на изразување. Според нив, ваквиот пристап може да придонесе за продлабочување на поларизацијата во медиумскиот простор и да ја наруши довербата на јавноста во медиумите.

Во реакцијата се нагласува дека е недозволиво носители на јавни функции да користат дискредитирачка реторика, особено кога таа може да создаде притисок врз медиумите и нивното работење.

АВМУ посочува дека доколку постојат сомнежи за евентуални неправилности во работењето на медиумите, тие треба да се пријават и да се разгледуваат во рамки на надлежните институции, наместо да се пласираат преку јавни обвинувања.

Воедно, од Агенцијата упатија апел до сите политички субјекти да покажат одговорност во јавната комуникација и да се воздржат од изјави кои можат да ја поткопаат довербата во медиумите или да влијаат врз нивната независност.