И покрај тоа што се споменуваше дека по реконструкцијата на Владата ќе раководи со друг ресор, Азир Алиу во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 навести дека ќе продолжи да биде министер за здравство.
Како што рече, „во секој ресор каде што има резултати треба да се продолжи, во интерес на институциите и процесите што се во тек“.
Алиу изјави дека веќе започнале разговорите меѓу коалициските партнери за завршените процеси и за перформансите на сите министри, но не откри детали кој со кое министерство ќе продолжи.
„Станува збор за позиција во која треба да бидеме малку понеутрални и да им оставиме на политиките и институциите да одлучат како понатаму. Важно е да има континуитет во секоја институција, не само во здравството, поради динамиката на процесите. Во здравството, покрај промените, потребна е и навремена реализација, затоа што во здравството и времето е здравје“, рече Алиу во „Клик Плус“ на ТВ21.
