Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели, со која таа е осудена за „злоупотреба на лични податоци“, поврзано со објавување на име и презиме на судија на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок.
Според Агенцијата, ваквата судска одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи. Од ААВМУ нагласуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава дополнителен притисок врз медиумите и сериозно го ограничува правото на јавноста да биде навремено и точно информирана.
Агенцијата апелира сите релевантни институции и чинители активно да придонесат кон создавање услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и кон заштита на новинарите и медиумските слободи во државата.
