Во изминатите 5 месеци откако стартуваше Сејф сити системот камерите регистрирале 120 илјади сообраќајни прекршоци. Ова министерот Панче Тошковски го изјави во отчетот за неговото двегодишно работење како прв човек на полицијата, кој додаде дека благодарение на функционирањето на овој систем има намалување на загинати лица и сообраќајни несреќи. Воедно тој истакна дека до крајот на годинава се планира проширување на Сејф сити и во другите градови од државава.
„Од почетокот на неговата примена на 2 февруари 2026 година во првите 5 месеци е забележано намалување на бројот на загинати во сообраќајни незгоди за некаде околу 40% односно 34 загинати лица наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година преку системот се регистрирани над 120 илјади сообраќајни прекршоци од кои повеќе од 95% се однесуваат на пречекорување на дозволена брзина“, вели Панче Тошковски.
Тошковски говореше и за борбата со недозволена трговија со дрога за која рече дека се сузбиени 11 организирани криминални групи а спречени се 9 меѓународни транспорти на марихуана и кокаин при што се запленети околу 6.2 тони наркотична дрога. Сепак Тошковски не откри до каде е истрагата за 5-те тони марихуана која беше запленета во Србија.
„Министерството за внатрешни работи заедно со Јавното обвинителство поднесе кривична пријава по дел од оние кои што беа вклучени во рамки на транспортот на марихуаната од Македонија кон Србија. Заеднички тимови на Министерството за внатрешни работи, Финансиска полиција, Царина, Управа за финансиско разузнавање работат во изминатиов период на овој предмет“, вели Панче Тошковски.
Од СДСМ со критики за двегодишното работење на Тошковски за кој велат дека донесоа целосен распад на безбедносниот систем, скандали, партизација, неказнивост и заштита на криминалци.
„Тошковски ветуваше правда, велеше „брат да ми е, ќе одговара“, ама денеска никој не одговара. Криминалот и корупцијата цветаат во изминатите 2 години. Нема одговорност за ниту еден криминален тендер, нема одговорност ниту за петте тони дрога кои поминаа преку граница. Две години МВР на Тошковски не гони криминал, туку го штити криминалот на власт. Но, Тошковски останува на функцијата затоа што зад него стои Христијан Мицкоски кои се штитат меѓу себе“, велат од СДСМ.
Инаку, Тошковски зборуваше и за состојбите во МВР односно за зголемувањето на платите за 10 проценти, а запрашан за информациите дека вработените немаат здравствено осигурување, тој рече дека се работи за технички проблеми и дека тоа веќе од денеска е надминато.
