Иако се купени со кредит од неколку милиони евра, 5 автобуси во Тетово се уште се паркирани во паркот на градската пожарна. Од општината не откриваат кога ќе почнат да сообраќаат низ Тетово, откако пред неколку дена престанаа да се движат со образложение дека претпријатието не е функционално и во него нема ниту еден вработен. Граѓаните велат дека јавниот транспорт би го олеснил градскиот сообраќај кој е се погуст особено в о периодот кога доаѓаат печалбарите.
„Не е добро бидејќи има луѓе кои сакаат да се движат, стари лица, млади, кои сакаат да стигнат побрзо, кога е сообраќајот во ред, добро е, како што цел свет има транспорт, и овде треба да е направи така“.
„Во Тетово јавниот транспорт е добро решение бидејќи живееме во град со густ сообраќај и велосипедската патека што ја имавме барем малку го олеснуваше сообраќајот но и неа ја тргнаа и треба да се најде итно решение за јавниот транспорт за барем малку да се олесни сообраќајот бидејќи не се презема некоја друга мерка за подобрување на ваквата состојба“.
„Треба да има автобус за да имаат луѓето со што да се движат“.
Автобусите ја чинеа општината 1.2 милиони евра кредит подигнат од Светска банка, а за исплатата општината има грејс период од 2 години а потоа парите треба да се враќаат на рати. Во септември автобусите беа пуштени во сообраќај но претпријатието се уште нема никакви приходи, туку само загуба.
