Во тешка сообраќајна несреќа во близина на Малко Трново, недалеку од границата со Турција, животот го загубија две лица, а 16 се повредени, јавуваат бугарските медиуми.
Според првичните информации, станува збор за украински автобус кој се движел со 37 патници и двајца возачи. Возилото наводно застанало на патот откако останало без гориво, по што патниците биле изведени надвор и се наоѓале во близина на автобусот.
Во еден момент, автобусот ненадејно се придвижил наназад и прегазил дел од луѓето кои се наоѓале зад него. По ударот, возилото излетало од коловозот и завршило во канал покрај патот.
Како последица на несреќата, две лица загинале на самото место, додека 16 се повредени. Сите патници и возачи подоцна биле извлечени од автобусот.
Надлежните служби спроведуваат истрага за да се утврдат точните околности под кои дошло до трагедијата.
