Од 31 километар предвидени за автопатот Гостивар–Букојчани, 11 километри се реализирани.
Ова е најтешкиот дел, бидејќи целиот е планински дел и има многу мостови за изградба.
За време на денешната инспекција беше констатирано дека градежните активности се развиваат со засилена динамика на неколку точки долж трасите.
Во меѓувреме се работи на експропријацијата на уште 20 километри.
„Овие коридори 8 и 10 се стратешки за Македонија како држава во многу аспекти и токму поради тоа ова е наш приоритет, изградбата на автопатот, изградбата на железницата, модернизацијата на железницата која ќе биде брза железница на Коридорот 10 и енергетското поврзување.“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Еден многу тежок терен, и за работа и за заштита на височините, инженерите вршат прекрасна работа, рече министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Ќе има автопат што ќе ја надмине Стража, најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга и целиот Коридор 8 е тоа што ќе ја избегнеме Стража и можете да видите тука пред нас со каква брза динамика се работи на изградбата на мостовите, на пробивањето на трасата, на заштитата на височините и навистина се прават прекрасни инженерски работи.“, рече Николоски.
На сегментот Тетово–Гостивар продолжуваат активностите за расчистување на трасата, дислокација на инсталациите и изградба на паралелниот пат и дренажната инфраструктура. Беше констатирано дека работите се развиваат според предвидената динамика, без значително влијание врз локалниот сообраќај и населбите долж трасата.
