Пламените јазици се приближија до домовите: Голем пожар беснее во Франција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силниот ветер и високите температури им ја отежнуваат работата на пожарникарите кои денеска се борат со голем шумски пожар во близина на Перпињан, во францускиот департман Источни Пиринеи. Огнот досега зафатил околу 35 хектари, а во гаснењето се ангажирани повеќе од 180 пожарникари.

Поради исклучително високата опасност од пожари, за департманот денеска е издадено црвено предупредување, објави БФМТВ.

Пожарот избувнал во областа Мас Палегри, меѓу зоните Техносуд и Вилнев-де-ла-Рао. Ситуацијата дополнително ја усложнува силниот ветер „трамонтана“, додека температурите надминуваат 35 степени Целзиусови.

Во акцијата се вклучени повеќе од 180 пожарникари, седум специјализирани тимови за шумски пожари и над 50 возила. На терен се ангажирани и воздушни сили, меѓу кои хеликоптер за испуштање вода, авион „Милан“ и хеликоптер „Супер Пума“.

Особена опасност претставува близината на огнот до населените места. Според градоначалничката на Вилнев-де-ла-Рао, Жаклин Ирлс, пламените јазици се приближиле до домовите, но брзата интервенција на службите помогнала ситуацијата да остане под контрола.

„Причината за пожарот сè уште не е позната. Никогаш претходно сме немале пожари во овој период од годината“, изјавила Ирлс.

Засега нема наредба за евакуација на станбените објекти. Како превентивна мерка, сепак, биле евакуирани депонија за отпад и пансион за кучиња.

Поради пожарот е затворен патот D914, а прекинат е и железничкиот сообраќај на линијата на СНЦФ.

Пожарникарите и останатите надлежни служби продолжуваат со интервенцијата, додека ветерот и високите температури и натаму претставуваат сериозна опасност од дополнително ширење на пожарот.