Автопатот Тетово-Гостивар готов до 2028 година?! Николоски најави железничко поврзување со Албанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за транспорт Александар Николоски најавува брз напредок во патната и железничката инфраструктура. При увидот на работите на еден локален пат во Тетово, тој вети дека следната година ќе бидат готови првите километри од автопатот Тетово-Гостивар, проект кој, според него, целосно треба да заврши до 2028 година.

„Имаме добар напредок во изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. Ова е автопат кој го започна оваа влада. Сите прашања поврзани со експропријацијата се решени, а сега се решаваат прашањата поврзани со дислокација на водоводните мрежи. Ако продолжиме со оваа динамика, следната година ќе ги видиме првите завршени километри, а до крајот на 2028 година целосно ќе биде завршен автопатот од Тетово до Гостивар“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.

Освен патната мрежа, министерот за транспорт информираше дека веќе интензивно се работи и на новата железничка врска. Според него, следната година ќе започнат конкретните теренски работи за проектот на железницата која ќе започнува од Скопје и Тетово, а во финалната фаза ќе се поврзе со Република Албанија.

„Веќе интензивно работиме на документацијата за железничкото поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар во првата фаза, во втората фаза со Кичево, а во третата фаза со Охрид, Струга и Република Албанија. Мојата идеја, ако сакате и еден вид сон, е да создадеме меѓуградски возови, нешто што значително ќе го растовари сообраќајот, ќе го намали метежот и ќе го намали загадувањето“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.

Николоски изјави дека се надева дека за овој проект следната година ќе се видат првите конкретни активности.

Во однос на Коридорот 8 и поврзувањето со Албанија, според Николоски, тоа веќе е сигурна работа, но со УНЕСКО ќе се утврди дали трасата на поврзувањето ќе биде еден километар подалеку или поблиску.