Изградбата на автопатот Требеништа–Ќафасан не е доведена во прашање. Во соработка со УНЕСКО ќе биде утврдена неговата конечна траса, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
Според него, УНЕСКО ја смета за проблематична предложената траса, но конечниот став се очекува да биде познат кон крајот на јуни или почетокот на јули. Од Министерството за транспорт информираат дека Николоски нагласил оти ќе бидат вложени сите напори за да се докаже дека актуелната траса е најдоброто решение.
„Ќе се бориме да ја одбраниме оваа траса и сметаме дека е добра. На крајот на јуни или почетокот на јули ќе биде донесена конечната одлука. Ако преовладаат нашите аргументи, автопатот ќе се гради по оваа траса. Ако не, ќе се гради по алтернативна траса, малку појужно. Но, повторувам, прашањето не е дали ќе се гради автопатот Требеништа–Ќафасан, туку по која траса ќе поминува“, изјави Николоски за „Коха“.
