Автопатот, уште 7 месеци според предвидениот рок – Рустеми се надева до крајот на годината, Груби ја спомна пролетта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остануваат  уште 7 месеци до крајниот рок за завршување на автопатот Кичево – Охрид, но ако се поминете од таму ќе забележите дека не се работи интензивно, а јасно е дека има уште многу работа.

На поставувањето на каментемелникот на коридорот 10Д, никој од говорниците не го спомна овој автопат и неговото пуштање во употреба на крајот на оваа година.

ТВ21 го праша директорот на ЈП „Државни патишта“ Ејуп Рустем, кој рече дека се во постојана комуникација со изведувачите и надзорната служба  и според него интензивно се работи, но тој не беше  сигурен дека 31 декември ќе биде денот кога ќе се сече лента.

„Имаме видлива реализација во последното време и тоа можат да го видат и сами граѓани. Сме во постојана комуникација и го набљудуваме реализирањето на работите. Имаме договор до 31 декември 2023 да завршат работите и секоја недела имаме средби со надзорникот, со компанијата „СиноХидро“ и со сите подизведувачи кои работат и секој ден ги следиме динамичните планови и нивната реализација“, вели Ејуп Рустеми.

Првиот вицепремиер, Артан Груби, го нарече несреќен проект започнат во 2013 година и рече дека неговото завршување ќе биде крајот на годината или на пролет наредната година, ставајќи го под знак прашалник завршувањето на овој проект во предвидениот рок.

„Отворена е трасата на патот Кичево – Охрид, се гради, интензивно се работи и само што се договоривме со Премиерот следната недела да ги повикаме изведувачите и да побараме да се интензивираат работите за да се заврши тој автопат околу крајот на оваа година или на пролет следната година“, порача Артан Груби.

Изградбата на овој автопат започна во 2013 година. Првичниот рок за завршување беше 2018 година, потоа рокот беше преместен во јуни 2021 а потоа крајот на 2023 година. Проектот требаше да чини 378 милиони евра, но сумата се зголеми двојно, околу 600 милиони евра. Автопатот Кичево – Охрид е дел од коридорот 8 кој го опфаќа патот Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан.