Мицкоски: Можно е да има уште еден ребаланс на Буџетот до крајот на годината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Намалените приходи од акцизите и данокот на додадена вредност може да бидат причина за уште еден ребаланс на Буџетот до крајот на годинава, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Според проценките на Владата, до крајот на годината во Буџетот би можеле да недостигаат меѓу 6 и 7 милијарди денари, односно околу 97 до 113 милиони евра. Мицкоски појасни дека намалениот прилив е поврзан со владините мерки за намалување на акцизите и ДДВ-то, со цел да се ублажи влијанието од растот на цените на нафтените деривати.

„Очекуваме до крајот на годината да бидеме пократки 6-7 милијарди денари во однос на тоа што сме го планирале и затоа е можно да се случи да имаме уште еден ребаланс до крајот на годината“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при промоцијата на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Премиерот се осврна и на движењето на инфлацијата, оценувајќи дека таа во земјава не земала поголем замав и дека во последните два месеца е под европскиот просек.

Во јули инфлацијата изнесувала 2,3 проценти, додека во август била 2,6 проценти. Податоците за септември допрва треба да бидат објавени.

„Сѐ што е во рангот на 2-3 проценти е во рамките на очекуваното. Но, она што претставува сериозен предизвик за сите нас е неизвесноста кога станува збор за испораките на нафта и нафтени деривати во светот, цената на берзите која што во моментот е актуелна за нафтата и нафтените деривати, мерките кои што ние ги имплементираме како влада за да го одржиме ниското ниво, најниско ниво во Европа на цените на горивата“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека само по основ на намалените акцизи, според владините пресметки, Буџетот ќе има околу 5 милијарди денари помалку приходи, додека со намалениот ДДВ таа сума ќе биде уште поголема.

„Станува збор за 6-7 милијарди. Тоа се нашите проценки. Ја разгледуваме можноста да се направи уште еден ребаланс, но она кое што претставува наш приоритет како Влада е да го задржиме стандардот на граѓаните, да се контролира ниското ниво на инфлација и нормално да ја задржиме најниската цена на горивата не само во регионот туку и во Европа“, изјави премиерот.

Мицкоски појасни дека станува збор за проценки до крајот на годината, при што како фактор ја посочи неизвесноста околу кризата во Заливот и движењето на цените на нафтата на светските берзи.

Иако денеска има одредено намалување на берзанските цени, според него, не се очекува кризата во Заливот брзо да заврши.