Состојбата во стопанството засега е стабилна, нема физички недостиг на нафтени деривати. Но, ако високите цени се задржат подолг период, ризикот е тие да се прелеат во поголеми трошоци за стопанството, инфлациски притисоци, послаба ликвидност и поголема неизвесност во инвестициите – изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во емисијата „Бизнис 21“. Според него неизвесноста од кризата предизвикана од конфликтот на Блискиот исток е голема и потребен е навремен, предвидлив и координиран пристап меѓу институциите и бизнисот.
-Последиците за компаниите ќе бидат големи и сериозни ако влеземе во втората фаза каде што ќе треба да се преземат мерки коишто се нормално непопуларни и ќе доведат до нови задолжувања на државата. А да не зборувам за третата фаза во којашто неконтролирано би се појавиле повеќе жаришта воени во светот. Во тој случај мислам дека ние како мала земја, шансите нешто да направиме, ние би биле тогаш едноставно колатерална штета, изјави Бранко Азески, претседател на СКСМ.
Азески е уверен дека Владата на време ќе преземе мерки. Вели три недели пред да почне кризата знаеле што ќе се случува и се договориле со Владата дека државата со свои механизми ќе го штити бизнисот. Иако сетот на мерки е познат, вели рано е тој да биде обелоденет пред јавноста.
-Барањата не можат да се истакнуваат уште сега, затоа што ќе бидат предмет на анализи на тие шпекуланти, манипуланти, што сакаат да ја искористат кризата. И тие се носат нормално во една постапка што е предвидена за нив. Главно се однесуваат на тоа да се поддржат извозните компании, да се поддржат таргетирано определени сектори коишто се најпогодени од кризата и населението коешто ќе биде сигурно да речам во таква ситуација, доведено на работ на социјалната егзистенција, изјави Бранко Азески, претседател на СКСМ.
Гледам злоба насекаде, вели Азески, која не обвинува дека сакаме да има повисока инфлација за да го зголемиме извозот и со тоа да направиме услуга на некого. Но тврди дека инфлацијата ја гледа како најголем непријател на бизнисот, затоа што ја руши предвидливоста.
