Здружението „Бадникови поворки“ ја информира јавноста дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на радоста, светлината и заедништвото на празникот.
Централната Бадникова поворка во Скопје
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Божикни ѕвездички и подароци за децата
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, od 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Маршута и кулминација на манифестацијата
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Ова сценско дело, преку музика, движење и симболика, ќе предизвика силни емоции кај сите генерации присутни и ќе остане долго во сеќавањето како заеднички момент на радост и светлина.
Празнични посети во претпладневните часови
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај:
- Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова,
- Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан,
- Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски,
со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Повик до јавноста
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026. Не е потребно претходно пријавување.Со оваа манифестација, веќе 16 години, Бадниковите поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
