Влегувањето во 2026 година на тетовци им донесе и нов ценовник за приклучување на станови на водовод и канализација. Одлуката беше донесена на последната седница на Општинскиот совет. Директорот на ЈКП „Шари“ ја оправда одлуката со тоа што досега за приклучување на водовод и канализација становите плаќале исто како и индивидуалните куќи, додека со новиот ценовник сопствениците на станови ќе треба да плаќаат за секој стан одделно и секој стан ќе има сопствен водомер.
„Доколку еден граѓанин за водовод и канализација платил некаде околу 800 или 900 евра, една зграда само за приклучок на водоводот плаќала 1.500 евра и уште 1.500 евра за канализација, што изнесувало околу 3.000 евра. Сега ќе треба да се плаќа за секој стан посебно, како што се плаќа за индивидуална куќа, како и дополнителна такса и поединечен водомер, бидејќи Тетово беше единствениот град што немаше ваков ценовник, додека сите други градови веќе го имаа“, вели директорот на ЈКП „Шари“, Ваљон Зекири.
Опозицијата во Општинскиот совет ја смета одлуката за неправедна, бидејќи, според нив, градот нема ниту доволно вода за пиење, ниту пак таа е со соодветен квалитет.
„Тие во 2026 година планираат поставување на повеќе од 9.000 водомери во Тетово, а инсталирањето на водомери е неприфатливо додека Тетово нема вода за пиење. Се наоѓаме во апсурдна ситуација, граѓаните да се мерат и фактурираат за услуга која реално ја нема. Пред поставување на секој апарат, општината треба да обезбеди континуирано и квалитетно снабдување со вода. Водомерите се дополнителен товар за граѓаните и неуспех на локалната власт-рече Берат Мурати, советник на НАИ во Тетово.
Општина Тетово најави дека ќе се изгради и нов водоводен систем, додека градоначалникот Биљал Касами досега ниту го демантираше, ниту го потврди тоа дека планира да го даде водоснабдувањето под концесија.
