Бајрам ги обединува семејствата – пораки за хармонија и солидарност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако го клањаа бајрамскиот намаз во Шарената џамија во Тетово, верниците се вратија во своите домови за да го честитаат празникот, најпрво во потесното семејство, а потоа кај роднините и блиските.

Љубовта во семејството и меѓу пријателите беше пораката на сите за овој Курбан Бајрам.

– Пораката на празникот генерално би била да бидеме во хармонија, семејна радост, да го посетуваме роднинството и нормално да внимаваме додека се движиме по улиците, со паркирањето, а исто така и со курбанот и со сè друго.

– Да бидат среќни, да си поминат што е можно подобро.

– Колку повеќе доаѓаат, толку подобро е. Да бидат радосни едни со други, со семејствата. Бајрам ја носи дарежливоста, дарежливоста на човештвото. Ги зближува луѓето меѓусебно и ги обединува што е можно повеќе, ги зајакнува.

– Треба, треба тоа да го правиме, тие обврски што треба, нели? Да, треба да ги посетуваме семејствата, роднините.

Меѓу верниците сретнавме и турист од Турција.

– Почит и љубов за татковината од земјата на нашите предци, Македонија. Ние ве сакаме сите. Балканската географија е многу убава и секогаш имала посебно место во нашите срца. Нашите татковци, нашите предци живееле тука. Потоа и ние мигриравме во Истанбул, во Турција.

Имамот на Шарената џамија, Емир Касами, честитајќи им на верниците, потсети на Божјата порака во Куранот, кога се вели: „До Него не стигнува ниту крвта од курбанот, ниту месото од курбанот, туку стигнува вашата предаденост и жртва што ја правите во име на Алах“. Тој упати и порака граѓаните да внимаваат каде ги фрлаат остатоците од курбаните.

– На сите верници им порачувам да внимаваат, особено со остатоците од курбанот, да не ги фрлаат по улиците. Да внимаваат на чистотата, бидејќи чистотата во исламот е половина од верата, половина од иманот. Од тој аспект да внимаваат и… нормално, и да возат внимателно, бидејќи сите излегуваме да го прославиме празникот, за да не се случи некоја несреќа или да се повредиме-рече Касами.

Курбан Бајрам, познат како Празник на жртвувањето, е еден од двата најважни празници во исламскиот календар и го означува завршувањето на годишниот аџилак во Мека. Покрај верската димензија и клањањето на намазот, овој празник има и големо социјално значење, каде главниот акцент е ставен на човечката солидарност, помошта за ранливите категории преку делење на курбанот, како и семејните посети кои имаат цел да ја зближат заедницата.