Претседателот на огранокот на ДУИ во Тетово, Бајрам Реџепи, тврди дека добил закани по живот од лицето И.Ф. од Тетово, бидејќи, според него, ДУИ го разоткрила планот за парцелата на противпожарната служба, која Општина Тетово има намера да ја додели преку јавно-приватно партнерство.
„Јас синоќа добив закани од лицето Ибрахим Ферати, кој е брат на сопственикот и авторот на овој план за кражба, истовремено е и сопственик на компанијата што ја врши изградбата на објектот на општината, а во исто време е и сосопственик заедно со вујкото на Билал Касами. Ние денеска ја пријавивме оваа закана во полиција и сакам да им ставам до знаење на сите оние кои користат такви средновековни методи на закани дека не само што нема да можат на таков начин да ни се закануваат и да нè заплашуваат, туку напротив, ние ќе го пријавуваме секој чекор со кој се планира кражба на имотот на тетовци“, рече Бајрам Реџепи.
Во писмен одговор, пријавениот Ибрахим Ферати негира дека му се заканувал на Реџепи.
„Податоците што господинот Бајрам Реџепи ги изнесе пред медиумите во врска со наводната закана се целосно невистинити, а тоа се потврдува со СМС-пораката што му ја испратив. Пораката како фото-документација ви ја испраќам во прилог на оваа порака“, вели Ибрахим Ферати.
Од СВР Тетово потврдија дека во текот на денешниот ден Реџепи во полициската станица пријавил кривично дело „загрозување на сигурноста“. Според пријавата, на 29.10.2026 година, на својот мобилен телефон добил СМС-порака со заканувачка содржина од лицето И.Ф., со кого се познаваат од претходно. Инаку, физибилити-студијата на Општина Тетово за доделување на просторот на противпожарната служба во Тетово преку јавно-приватно партнерство предизвика судир меѓу опозицијата и Општина Тетово. За ова прашање на 3 ноември се очекува да се одржи и јавна дебата.
