Во раните утрински часови во средата, од правец на Урошевац, како пешак на граничниот премин Блаце пристигна Перпарим Бајрами, баран со меѓународна потерница. Поранешниот директор на Државната лотарија, кој беше во бегство од декември 2024 година, доброволно се предал на 9 септември 2026 година, околу 5:30 часот, соопштуваат од граничната полиција. Министерот Тошковски рече дека Бајрами се предал на истиот начин како и поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој исто така е обвинет во предметот „Лотарија“.
„Гледаме дека, полека-полека, сите оние коишто беа во изминатиот недостапни на органите на прогон, полека-полека сега се обезбедени и ќе се соочат во законита постапка да ја докажат својата невиност, или обвинителството да го докаже она што е негова задача, а судот притоа да донесе праведна и правична одлука, се со цел да на крајот имаме правда, којашто би требало да ја крене довербата и во обвинителството и во судот“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
По пријавувањето, тој е уапсен и е упатен кон затворот во Шуто Оризари за да ја издржува мерката притвор, која судот претходно му ја определил во отсуство. По поднесувањето на обвинението, од Основното јавно обвинителство велат дека и против првообвинетиот Прпарим Бајрами ќе се води судска постапка со негово присуство, бидејќи сега се обезбедени сите осомничени во случајот „Лотарија“.
„Судската постапка во која тој е обвинет за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик е во тек. Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења“, велат од ОЈО.
Судот ќе му врачи на обвинетиот примерок од обвинението за да се запознае со него, а имајќи предвид дека законскиот рок за разгледување на обвинението и доказите е 8 дена, судењето ќе продолжи во петок, на 18 септември. Покрај Бајрами и Груби, обвинет е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и петмина членови на Надзорниот одбор на Државната лотарија. Според обвинението од истрагата, тие се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година, пречекорувајќи ги службените овластувања, ѝ предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во вредност од 596.125.511 денари, односно околу 9,7 милиони евра, со незаконско набавување апарати за коцкање, кои никогаш не биле употребенио за електронски игри на среќа.
