Екс шефот на тајните служби, Слободан Богоевски, на денешното рочиште сведочеше за случајот Таргет – Тврдина, кој се однесува на незаконските прислушувања. Тој рече дека од вработените во Управата за национална безбедност дознал дека е прислушуван. Богоевски рече дека во периодот кога бил прислушуван работел како консултант во една приватна компанија, а неговите екс колеги го предупредиле да биде внимателен што зборува и со кого се сретнува, бидејќи бил и физички следен. Богоевски рече дека ќе бара еден милион евра оштета.
Извршниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов рече дека од СЈО дознал дека е прислушуван Костов вели дека немал лична штета од прислушувањата но може да имаат компаниите кои соработувале со банката.
Адвокатот Звонко Давидовиќ рече дека во 2009 постоел сомнеж дека е прислушуван бидејќи, како што вели, тој и неговите пријатели седејќи на кафе неколку пати се снимани од непознато лице.
Сите прислушувани сведоци барале милиони евра од државата како оштета за тоа што биле следени и прислушувани незаконски, а обвинети за незаконското прислушување се Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска која беше доведена во суд од затворот Идризово, Горан Грујевски кој е во бегство, и неколкумина други од УБК.