Сојузот на слепи лица од Кичево го одбележа Денот на „белиот стап“, при што упатија апел за подобра инфраструктура, која би го олеснила нивното секојдневно движење.
Тие се чудат како за време на изборни кампањи се ветуваат големи проекти, а досега никој не спомнал ништо за подобрување на условите за слепите лица.
„Досега, како што знаете и вие и целата јавност, ништо не е направено. Сепак, се надеваме дека нашите услови ќе се исполнат. Ни ветија, на пример, дека ќе има доволно паркинг-места за лица со хендикеп, но сè уште ги нема“, вели Сендел Зилбеари.
Се соочуваат со тешкотии при движење на улици и тротоари, бидејќи често возила се паркираат каде што не треба, а исто така нема звучна сигнализација на пешачките премини.
„Се движиме со тешкотии, апелиравме до градоначалникот на Кичево да постави звучни сигнали, како што има во други градови“, порача Сендел Зилбеари.
Слепите лица се жалат и на ниската социјална помош што ја добиваат, и велат дека се во преговори со Министерството за социјална политика демографија и млади за зголемување на истата.
Да потсетиме дека Сојузот долго време функционираше во простории со лоши услови, но сега располагаат со нов канцелариски простор во старата зграда на општината.
