Батериски системи за вишокот енергија – набавката на батериите производителите ќе ги чинат до 20% од инвестицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Производителите на електрична енергија од обновливи извори на енергија особено преку фотоволтаици во иднина ќе мора да набават батерии за да ја складираат вишокот струја произведена преку ден, особено во летниот период. Министерот за економија Крешник Бектеши дека со ова побрзо ќе се направи транзицијата во енергетскиот сектор поради самиот факт што се поголемо е користењето на обновливите извори на енергија и со тоа преку денот има вишоци на струја.

„Речиси има бум во делот на инвестиции на обновливи извори на енергија во државата. Затоа би сакал и преку вас медиумите да ги повикам сите потенцијални инвеститори внимателно да ги следат сите процедури во случај да не се наведеме на тоа да имаме многу поголемо производство отколку потребите кои ги има државата“, вели Крешник Бектеши.

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев рече дека производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија доколку не се регулира може да предизвика и проблем. Батериите можат да бидат од 1 до 10 киловат часови за домашни употреби, од 300 до 500 киловат часови за индустриските објекти до неколку мегават часови кои ќе бидат во состав на веќе постојни капацитети.

„Фотоволтаиците сите произведуваат во исто време електрична енергија и практично 80 проценти од електричната енергија во текот на годината го произведуваат од април до септември и од 9 часот наутро до 5 часот попладне, не смееме да дозволиме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати бидејќи во тој случај нема да се знае што ќе се прави со таа енергија“, додава Кочо Анѓушев.

Но самиот начин на складирање на вишоците електрична енергија ќе претставува дополнителен трошок за производителите, бидејќи сами ќе треба да ги набават батериските системи. Проценките велат дека нивната цена може да достигне и околу 20 посто од вкупната инвестиција, но според првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика, тоа ќе биде исплатливо бидејќи ќе имаат струја да понудат и во подолг временски период а не само преку ден.

„Во зависност од капацитетот на батериите некаде тоа би било 10 до 20 проценти од нивната инвестиција, но нема да претрпат се разбира овие инвеститори загуба бидејќи ќе имаат многу подобар пазарен продукт, нема да биде само од 9 до 17 часот кога ќе има реално далеку повисока понуда од побарувачка, туку тие ќе имаат понуда и во периодот по 17, по 18 часот, така што ќе имаат понуда на електрична енергија подолг временски период“, додаде Марко Бисломовски.

На денешниот состанок во Стопанската комора е договорено формирање работни групи со цел да се забрза процесот кој ќе овозможи извесност и предвидливост за инвеститорите во иднина, за што во најскоро време треба да има и законски измени.