НОВИ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА „АЛТА БАНКА“: Забрането одобрување и исплата на нови кредити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кредитната активност на „Алта банка“ АД Битола е дополнително ограничена со нови мерки на Народната банка, кои се однесуваат на одобрувањето и исплатата на кредитите. Со новото решение, банката нема да смее да одобрува нови кредитни изложености, ниту да ги продолжува роковите на веќе одобрените кредити.

Ограничувањата се дел од мерките што се спроведуваат во периодот на привремената администрација, воведена од Народната банка со цел да се заштитат средствата и интересите на депонентите и доверителите.

Дополнително, забранети се и одливните трансакции врз основа на позитивни кредитни предлози за претходно одобрени кредитни изложености. Тоа значи дека дури и кредитите за кои веќе постои одобрение нема да можат да бидат исплатени додека е во сила забраната.

Сепак, меѓу исклучоците од ограничувањата се наведува измирувањето на обврските што клиентите ги имаат кон банката. Тоа значи дека граѓаните и компаниите кои имаат кредитни задолжувања треба да продолжат редовно да ги исполнуваат своите обврски.