Цените на природниот гас на европските пазари денеска се намалија за речиси четири проценти, додека инвеститорите ги следат сигналите за можен дипломатски напредок во односите меѓу САД и Иран. Падот доаѓа во период кога и цените на нафтата се под силно влијание на случувањата на Блискиот Исток.
На водечката европска берза за гас во Амстердам, фјучерсите претпладнево се тргуваа по околу 98,60 евра за мегават-час, што претставува намалување од околу 3,9 проценти во споредба со вчерашниот ден.
Причина за ваквото движење се извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да ѝ даде дополнително време на дипломатијата со Иран пред евентуално продолжување на воените напади. Во меѓувреме, земјите од Персискиот Залив ги интензивираат напорите за посредување.
Во интервју за подкаст емитувано денеска, Трамп изјави дека Иран сака да постигне договор. Слична порака испрати и вчера, кога рече дека Техеран сака договор „што е можно поскоро“. Сепак, иранската страна потоа ги демантираше тврдењата дека договор со Вашингтон е на повидок.
И покрај денешното поевтинување, природниот гас во Европа и натаму е речиси трипати поскап отколку пред почетокот на американско-израелските напади врз Иран во февруари годинава. На месечно ниво, цената е повисока за повеќе од 34 проценти.
По вчерашниот пад, нафтата повторно поскапува
За разлика од природниот гас, цените на нафтата денеска бележат раст, откако вчера забележаа значителен пад по сигналите за можен дипломатски напредок во конфликтот меѓу САД и Иран.
Аналитичарите вчерашното намалување го поврзаа со зголемениот оптимизам во врска со можноста за преговори и со најавите дека Трамп претпочита дипломатско решение пред продолжување на нападите.
Цената на барелот нафта „Брент“ од Северното Море вчера падна значително под 104 долари, додека американската сурова нафта ВТИ се спушти на околу 96 долари.
Но, претпладнево трендот се смени. „Брент“ поскапе за 1,9 проценти и достигна 106,8 долари за барел, додека цената на ВТИ порасна за речиси 1,8 проценти, на 98,2 долари.
