Бауш: Без создадена економска вредност нема одржливо зголемување на платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Универзитетскиот професор Абил Бауш во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 оцени дека клучното прашање во дебатата за зголемувањето на платите е дали економијата создава доволно вредност за таков чекор да биде одржлив.

Според него, во државата постои сериозен парадокс – од една страна се увезува работна сила од странство, а од друга страна стапката на невработеност се движи околу 11 до 12 проценти, при што значаен дел од домашната работна сила е неквалификувана.

„Минималната плата најчесто се однесува токму на таа неквалификувана работна сила“, посочи Бауш.

Тој смета дека наместо исклучиво фокус на административно зголемување на минималната плата, потребен е поширок пристап, кој ќе вклучи доквалификација и преквалификација на работниците, со цел тие да станат поконкурентни на пазарот на труд и да можат да остварат повисоки примања врз основа на повисока продуктивност.

Бауш укажа и на недостигот од функционален социјален дијалог.

Според него, синдикатите и работодавачите настапуваат со различни барања, додека државата изостанува како активен арбитер кој треба да го води и структурира дијалогот. Тој оцени дека во процесот недостасувале јасни статистички показатели и рамка врз основа на која би се воделе преговорите.

„Поради отсуството на јасен социјален дијалог и конкретна стратегија, се создаде ланец на незадоволства кој, за жал, ќе продолжи и понатаму“, нагласи Бауш, додавајќи дека дијалогот веќе излегол од контрола и не е јасно кој со кого преговара – синдикатите со министерствата или со работодавачите.

Според него, неопходна е појасна и поактивна улога на државата, која ќе интервенира и ќе постави јасни правила, насоки и стратегија за тоа како понатаму да се унапредат платите и другите социјално-економски прашања од значење за граѓаните.