Расфрлан отпад и без надзор. Вака изгледа базиликата во струшкото село Радолишта.
Порано тука имало гробишта, но веќе не, а тоа го покажуваат и самите отворени дупки…
Се вели дека оваа базилика датира уште од IV-V век, но историчарите уверуваат дека постоела уште порано, бидејќи е изградена на стари темели кои датираат пред многу векови…
Подовите на базиликата се покриени со мозаици, кружни и преплетени медалјони стилизирани со разни риби, а меѓу нив е и автохтоната риба – јагула.
Според историчарите, потрагата на оваа базилика почнала во 1935 година и се вели дека биле пронајдени многу артефакти кои според податоците се наоѓаат во Белград.
Базиликата е под надлежност на Министерството за култура, па затоа локалното население бара ресорното министерство да ги побара од Белград пронајдените артефакти и да ги врати во земјава. Меѓу другото бараат и соодветно одржување за базиликата.
„Ние како жители на селото Радолишта бараме базиликата која има посебна историја на нашите простори да биде заштитена, бидејќи еве како што можете да видите и самите со време таа полека се уништува. Би било добро да се направи нешто за и ние во иднината да знаеме за историјата, меѓутоа како што ги оставаат така работите од ден на ден, лека-полека сѐ исчезнува“, вели Ваљмира Мерсини.
Мештаните неколкупати преземале иницијатива за чистење и одржување на базиликата, но наишле на отпор од локалната полиција. Имало случаи кога завршувале и на суд…
„Неколкупати преземавме иницијатива со претседателот на месната заедница на селото Џевдет Даути, кој работеше речиси повеќе од сите во селото. Беше повикан во полиција, а го однесоа и на суд. Не направи нешто лошо, само сакаше да ја одржува базиликата, меѓутоа не му дозволија“, вели Ваљмира Мерсини .
Во однос на надлежностите за базиликата и нејзино одржување, став побаравме и од Министерството за култура. Од таму ни рекоа дека откако добиле сознанија од ТВ21, нивните екипи излегле на терен. Како што објаснуваат од ресорното министерство, во изминатиот период кога се вршела конзервација на архитектурата и мозаиците, истите биле покриени за да не се оштетат. При денешната контрола на терен, заклучиле дека базиликата е во добра состојба.
„Во изминатиот период редовно се проверуваше состојбата на базиликата, додека во 2014 година, согласно проектот добиен од Министерството за култура, беа извршени конзерваториски истражувања на мозаиците на базиликата. Утврдено е дека мозаиците се во одлична состојба и со многу мала интервенција можат да бидат презентирани. Архитектурата, камењата и ѕидовите на базиликата претрпеа поголеми оштетувања и имаат потреба од конзервација, за што е надлежен Народниот музеј на Охрид, кој според приоритетите може да го вметне овој културен споменик во програмата за финансирање следната година“, велат од Министерството за култура.
Влезот во базиликата е забранет. До 2003 година беше поставена дежурна служба, но потоа бил раскинат договорот со лицето што го чуваше теренот.
