Артан Груби веќе не е дел од ДУИ. Тој се повлече, пред партиските органи да донесат таква одлука, кажа организацискиот секретар на интегративците, Блерим Беџети во Дејли Клик. Додаде дека ДУИ ги почитува, прифаќа и има сериозен пристап кон одлуките на Стејт Департманот за црната листа. А за тоа дека Груби не е во Македонија, Беџети вели дека не знае детали, но го повика екс-сопартиецот да се врати.
-Артан Груби јавно го повикувам, во име на партијата и мое лично име, да се пријави пред органите на правдата, за да се соочи. Значи станува збор за случајот со Лотарија за што зборуваме, не за претходното што спомнавме (црните листи), тоа е нешто друго. Како секој граѓанин, носител на јавна функција, сите дилеми, ако тој кажува дека е чист или пак прекршил закон, да се констатира во органите и се надевам ден поскоро да се соочи, тој и многу други, изјави организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети.
Од ВМРО-ДПМНЕ, бараат СДСМ и ДУИ да го повикаат Груби да се врати.
-ДУИ и СДС да го осудат бегството на криминалецот од црната листа на САД, Груби, и да го повикаат да се врати. ДУИ треба јавно да каже дали го поддржува бегството на криминалецот од црната листа на САД, Груби? – изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека имало полициска контрола на кружниот тек кај Блаце, најмалку три дена пред заминувањето на Груби. Сепак, полицајците, не знаеле дека требало да го контролираат екс вицепремиерот.
-Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за овој случај се договорени и дали ова можеби не е цената за поддршката што ДУИ им ја даваше на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Дали е ова дел од сите очигледно договорени сценарија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за постојано јавно напаѓање и фиктивна дестабилизација, состојба која политички им одговара на двете партии? – изјави организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.
Костовски воедно прашува кој ќе одговара доколку Артан Груби воопшто не се врати во земјава и дали МВР ќе покрене постапка против лицата кои му помогнале.