Блерим Беџети негира дека неговиот сопартиец Хазби Лика од ДУИ преминал до Алијанса за Албанците. Членот на Централното раководство на оваа партија овие информации ги нарече шпекулации на социјалните мрежи. Вели дека досега нема таква информација.
Беџети: До овој момент нема такви информации и не сакам да се занимавам со шпекулации на социјални мрежи.
ТВ21: Значи негирате?
Беџети: Да.
Од Алијанса за Албанците потврдуваат дека има нови членства во нивната партија, но не прецизираат конкретни имиња. На прашањето околу фотографиите кои кружат на кои се гледа братучедот на Хазби Лика и еден екс-функционер на ДУИ на маса со секретарот на АА, Арбен Таравари, одговорија.
-Ние правиме алијанса со секој Албанец кој се стреми кон промена за подобар живот. Точно е дека во последно време луѓето со влијание во нашето општество кои ѝ служеа на нашата национална кауза застануваат на страната на нашата заедничка алијанса, за да дадат целосен легитимитет, за да ги застапуваат Албанците достојно наспроти секој политички предизвик за иднината на Албанците и на земјата-велат од АА.
Лика досега беше министер, пратеник, а до скоро и вицепремиер во Владата на Зоран Заев. Нарушените односи меѓу Лика и ДУИ почнаа да се забележуваат уште пред две години и тоа од неодењето на вицепремиерот Лика на работа, а кулминираа кога Владата одлучи Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, со кој раководеше тој, да го трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Лика јавно излезе против ова, дури рече дека не знае кога ДУИ донела таква одлука.
ТВ21 пред една година извести за зближувањето и неколкуте средби меѓу Хазби Лика и првиот човек на Беса, Биљал Касами, и дека е можно Лика да премине во Движење Беса. Но, тогаш, лидерот на ДУИ, Али Ахмети го негираше тоа.
